Кошаркарската федерација на Македонија изминатиов викенд го одржа редовното годишно собрание на кое присуствуваа 25 претставници на клубовите. Челниците на Федерацијата во извештајот за работата во 2007 рекоа дека генерално  се задоволни од постигнатото, резултите од настапите на репрезентациите не се на потребното ниво, но побара подршка од клубовите.
 

Годинава имавме многу работа. Во организацискиот дел, комплетно беа покриени настапите на повеќе репрезентации, а би го истакнал Европското првенство за кадети во Скопје. Не сум задоволен од резултатите на нашите репрезентации во 2007, но важно е да бидеме присутни, а ќе одиме напред чекор по чекор. Ако сакаме резултати, ќе ни треба помош и од клубовите, бидејќи од нив потекнуваат репрезентативците. Треба да се запне за развој на младите категории. За добрата организација, не’ наградија со домаќинство на женското ЕП до 18 години, на кое ќе бидеме домаќини во 2008. Активирана беше интернет-страница на КФМ која досега има речиси 400.000 посетители. Потпишан е двегодишен договор со МТВ, со што кошарката се врати на малите екрани – рече претседателот на КФМ, Даниел Димевски.

Димевски како тема за размислување покрена иницијатива за воведување на професионализација на лигите. Според него, моментната ситуација во клупската кошарка е зрела за професионализација.

Не задоволија – момент од мечот Естонија – Македонија

Во 2008, за официјални настапи пријавени се голем број национални тимови. Машката сениорска ќе се бори во квалификациите за ЕП 2009, а сениорките ќе учествуваат во Б-дивизијата. Предвиден е настап на машката селекција до 20 години на ЕП од Б-дивизија, а две години помладите ќе играат на Балканијада. Девојките до 18 години во август ќе бидат домаќинки на ЕП од Б-дивизија, а ќе играат и на Балканско првенство. Нив од четврток ги очекува и настап на Балканијада во Романија.