На 25-ти и 26-ти октомври, во посета на Охрид и музејот на А. ден Долард во КИЦ „Култура 365“ престојуваше неговата најмладата ќерка на холандскиот писател, Бранда Спулстра.
„Сега збирката на музејот е побогата со нова книга, бидејќи при посетата Бранда донесе подарок – книга за нејзиниот татко. Таа беше воодушевена од тоа што го имаме направено за нејзиниот татко, но не беше во Охрид по прв пат, бидејќи зетот на нејзината ќерка е родум од Охрид. Првиот ден од посетата го посети музејот заедно со нејзината ќерка и внуката, при што направија фотографии во собата посветена на Долард. Вториот ден дојде да ја купи книгата за Долард од Мишо Јузмески. Таа ја доби книгата на подарок, но без посвета од Јузмески, кој тогаш беше во Белград каде се промовираше книгата „Свадбата на седумте цигани“ на А. ден Долард. Во Белград се одржа и музичко-драмска изведба од страна на холандската уметница Квирине Мелсен.“ – изјави Лидија Размоска од Културно – информативниот центар „Култура 365“ од Охрид.
Инаку, славниот холандски писател Корнелис Спулстра (1901-1994), познат под псевдонимот А. ден Долард, на овие простори е познат по неговото дело „Свадбата на седумте цигани“, кај нас преведено како „Свадба во Охрид“. Бил голем вљубеник во патувањата, во Македонија, во Охрид, градот за кој во едно од неговите дела ќе напише дека е „местото каде е родена ренесансата“.
OhridNews