Американската национална вселенска агенција (НАСА) открила десет нови планети слични на Земјата. Според научниците, најновите откритија влеваат голема надеж, кога станува збор за потрагата по вонземниот живот, пренесува „Макфакс“.

НАСА објави дека се откриени 219 потенцијални планети надвор од Сончевиот систем. Од оваа бројка, десет имаат цврста почва како на Земјата и се наоѓаат во оптималната ткн. „Зона Златокоса“, која обезбедува постоење на вода.

„Научниците кои го користат телескопот Кеплер препознаа 219 потенцијални нови светови“, напишала НАСА на Твитер. Кеплер досега открил 4.000 потенцијални егзопланети.

„Колку планети слични на нашата Земја има во галаксијата? Овој внимателно направен каталог е основ за директен одговор на едно од најинтересните прашања во историјата на астрономијата“, изјавила Сузан Томпсон, научник од Институтот СЕТИ.

И НАСА во своето соопштение истакнува дека Кеплер забележал 4.034 нови можни светови, од кои 2.335 се потврдени егзопланети.

OhridNews