Повод за овој допис ми даде написот објавен на 21.10.2015 год. на порталот на OHRIDNEWS под наслов:ОБРАЗОВАНИЕ ПО КЕМБРИЏ:Уште не научиле да читаат и пишуваат второодделенците треба да знаат како да направат струјно коло!

Почитувани родители, шестоодделенците (всушност петтоодделенци), според истата програма (КЕМБРИЏ), по предметот Природни науки, ќе ни бидат ДОБРО едуцирани особено за репродуктивниот систем кај човекот. Во учебникот ПРИРОДНИ НАУКИ-програма по КЕМБРИЏ, на многу СЛИКОВИТ начин се претставени репродуктивните органи кај човекот со нивните функции. Именно учениците на оваа возраст (околу 12 години) ќе треба да знаат што е пенис и кои се неговите делови, што е вагина, матка, јајцеводи и т.н. (термините се земени од цитираниот учебник). Во тест прашањата по истиот предмет во работната тетратка, стои: Како се движат сперматозоидите до пенисот? Кој дел од машкиот репродуктивен систем е заеденички за спроведување на урината и ејакулатот (значи треба да знаат што е ејакулат)? Каде се сместени тестисите? Кои се делови на пенисот? Кој е надворешниот дел од женскиот репродуктивен систем и т.н. (Прашањата се цитирани од учебникот).

Наставниците по овој предмет, за да им го направат по сликовит системот за варење на храната на учениците, изведуваа вежби при кои користеа храна иситнета во пластични чинивчиња за да ја осликаат функцијата на устата и забите. Желудецот каде што влегува храната преку хранопровод (некаква цевка) го отсликаа со пластично кесе а цревата и дебелото црево каде се формира фецесот со хулахопки. Се прашувам: Што ќе користат наставниците за да ги ОТСЛИКААТ деловите, продуктите и функциите на репродуктивниот систем? Или тоа ке го остават да го објаснат родителите? Како може по гореспоменатата програма ПУБЕРТЕТОТ да биде претставен како МОЗОЛЧЕ кое за да детето осознае кој е овој период од неговиот живот, треба да го пипка мозолчето на челото и во контекст на тоа и прашањето: Дали е препорачливо младиот човек во периодот на пубертет да започне со половиот живот? За хормоните како главни двигатели, конкретно на оваа физиологија сме се запознавале во осмо одделение во програмата по физиологија. Верувајте ОДЛИЧНО ги совладавме не одејќи во вакви детаљи.

Почитувани, во време кога телевизијата не преплавува со порнографија во било кој период од денот, во време кога Интернетот во секое време нуди БОГАТСТВО од порнографија и во време кога децата се најмногу сами дома, потенцирање на сите овие содржини мислам дека е несоодветно. Во ваков случај наставниците ќе бидат ПОШТЕДЕНИ од СЛИКОВИТО претставување на овој систем.

Имавме прекрасно образование со кое можевме да се гордееме. Со се бевме едуцирани на достоинствен начин и во право време. Сега, за жал, децата а и родителите се носат во ќорсокак.

В.Н.
Авторот Познат на редакцијата

Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив