Општина Охрид во текот на наредниот период ќе започне со реконструкција на три локални патишта. Се работи за реализација на втората фаза од Проектот за реконструкција на патот Косел – Вапила – Ливоишта; втората фаза од Проектот за надградба со асфалт и проширување со банкини на локалниот пат до село Велестово и Проектот за употреба и одржување на локален пат во месноста Кромидишта, во населбата Рача.

За таа цел деновиве преку Електронскиот систем за јавни набавки беше објавен јавен оглас преку кој се бара изведувач на овие инфраструктурни проекти. Проценетата вредност на објавената јавна набавка е околу 376.000 евра или точно 23.061.465,25 денари.  Крајниот рок за поднесување на понудите е 13-ти октомври 2015 година до 15:30 часот.

Средствата за реализација на овие инфраструктурни проекти општинските надлежни служби ќе ги обезбедат преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година кој го имаше објавено Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

За реализација на втората фаза од проектот за реконструкција на патот Косел-Вапила-Ливоишта општината имаше аплицирано за мерка 323-„Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја“. За реализација на втората фаза од Проектот за надградба со асфалт и проширување со банкини на локален пат до село Велестово беше поднесена апликација за мерката 321-„Подобрување на квалитетот на животот во рурални средини“, а за мерката 322–„Обнова и развој на селата“ била подготвена апликација за Проектот за употреба и одржување на локален пат во месноста Кромидишта, во населбата Рача.

Според Јавниот повик на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, финансиската поддршка од Програмата за рурален развој се исплаќа по принцип на финасирање на завршени инвестиции од страна на корисникот во висина од 100 % од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестицијата. Право на користење на средствата од оваа програма имаа Единиците на локалната самоуправа- рурално подрачје, Единиците на локалната самоуправа на чија територија се наоѓа руралната средина за која се однесува инвестицијата, Централните плански региони и Агенцијата за промоција и поддршка на туризнот во Република Македонија.

OhridNews