Избрани се градежните компании што ќе ја изведуваат променадата односно пешачката патека на брегот на Охридското Езеро, на потегот од каналот Студенчишта до месноста „Свети Стефан“, објави Build.
Во зацртаниот временски период од 12 месеци, фирмите „Еуро стил“ од Охрид и „Инсталација“ од кичевското село Длапкин Дол треба да ја реализираат првата фаза од проектот. На овој дел од охридското крајбрежје ќе се изведе патека наменета за пешаци, за велосипеди и ролери, со што постоечката патека од центарот на Охрид до каналот Студенчишта ќе се продожи понатаму кон некогашниот хотел „Парк“.
Според информациите на Build, за првата фаза од реализацијата на најавената променада во Охрид издвоени се финансиски средства во висина од 6.781.307 денари, односно околу 110.000 евра.
Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески во новогодишното интервју за OhridNews најави дека по Нова година ќе започне реализацијата на современата пешачка патека.
-Оваа патека ќе биде еден од главните адути на охриѓани, бидејќи таму тие најмногу рекреираат и од тие причини сметавме дека трба да се изгради една таква патека која ќе биде со широчина од 12 метри, хортикултурно и партерно уредена и осветлена. Тендерот за 200 метри од патеката е завршен но ние во 2015 година се надеваме дека ќе имаме можност и финансиски средства да реализираме уште најмалку 400 метри и Охрид ќе добие променада покрај самиот брег, рече во рамки на интервјуто Бакрачески.
Проектот за изградба на современа пешачко рекреативна патека на Охридското крајбрежје, општина Охрид го презентираше кон крајот на април минатата година.
OhridNews