Пренесување знаења и искуства од земјите -членки на ЕУ, особено од Италија, подобрување на условите за спроведување на европските политики и системи, обезбедување функционална пазарна економија, зајакнување на механизмите за рамноправно учество на европскиот пазар и промоција на извозот, се дел од целите кои треба да се постигнат со Твининг проектот „Институционално зајакнување на капацитетите на надлежните служби за спроведување на законодавството на ЕУ од областа на безбедноста на храна, ветеринарната и фитосанитарната политика“.

Проектот, кој денеска беше презентиран, е финансиран од ЕУ, ИПА 2010 компонента 1 и ќе трае 19 месеци. Кориснички институции на проектот се Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фитосанитарната управа, Државната фитосанитарна лабораторија и Државниот инспекторат за земјоделство.

Евроамбасадорот Аиво Орав информираше дека овој проект ќе се спроведува со италијанското Министерство за храна и политики и во него ќе бидат вложени 1,3 милиони евра.

Амбасадорот на Италија во Македонија Ернесто Масимино Белели истакна дека целта на проектот е да се воведат и споделат најдобрите ЕУ-практики во Македонија, во контекст на македонското законодавство за, како што рече, да може да воспоставиме една функционална пазарна економија.Според него, земјоделството е високо приоритетен сектор во кој се реализира овој проект и додаде дека ќе има ефект врз економијата.

-Ќе им се овозможи на македонските производители да влезат на европскиот пазар, ќе се овозможи пораст на економијата и можност да се даде неопходната поддршка на земјоделците кои македонската Влада веќе им ја овозможува на објективен и најдобар можен начин, потенцира Белели.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков потсети дека во последните години Владата и Министерството за земјоделство направиле огромни напори за да го поттикнат и поддржат развојот на земјоделското производство, како и подобрување на фитосанитарните стандарди на земјоделските производи.

OhridNews