Министерството за култура, во согласност со Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година за остварување на националниот интерес во културата, ќе обезбеди средства од Буџетот на Република Македонија за стимулирање на домашното музичко творештво, кои ќе се доделуваат на домашни автори, односно композитори преку Конкурс за откуп на музички композиции.

На Конкурсот кој е објавен минатата седмица, може да учествуваат композитори со диплома по композиција од високообразовна установа или композитори чии дела во изминатите 5 години биле изведувани на еден од фестивалите за класична музика во државава (Охридско лето, Мајски оперски вечери, Денови на македонската музика, Интерфест – Битола, Есенски музички свечености, Златна лира).  

Секој композитор има право да конкурира со по една композиција во една категорија, а најмногу со 2 композиции во еден конкурсен рок, односно со 4 композиции годишно. Категоризацијата на композициите во Конкурсот е направена според видот на изведувачкиот апарат на делата, времетраењето и жанрот на делата.

На Конкурсот може да учествуваат само автори-државјани на Република Македонија, а композициите со кои се конкурира не треба да се претходно јавно изведувани, публикувани и презентирани. Конкурсот за откуп на музички композиции се објавува заради: стимулирање на дела од македонското музичко творештво; афирмација на композиторите од Република Македонија и збогатување на фондот на дела од сериозна музика од домашни автори.

Конкурсниот рок за поднесување на композициите е од февруари до ноември во тековната година и за него ќе се одлучува двапати годишно, во јуни и во ноември.

OhridNews