Со 24-часовни дежурства лиценцираните туристички водичи ќе се борат против нелојалната конкуренција. Ова е само една од предложените мерки за воведување ред во туризмот во Охрид, што денеска на заедничка средба ги договараа туристичките водичи, агенциите и локалната самоуправа.
Проблемот со дивите водичи , кој е еден од најгорливите, ќе се разреши со воведувањето на дежурствата од страна на Унијата на туристички водичи, со што во иднина не ќе може нелиценциран водич да води група на туристички локалитет, а корист од тоа ќе имаат и обичните посетители кои со платената влезница ќе добијат релевантни информации, вели Диал Аголи – туристички работник.
На средбата станало збор и за унифицирање на ценовникот на услуги на туристичките водичи. Според Аголи една повластена тарифа треба да имаат туристичките агенции за да можат да привлекуваат гости од надвор, повисока цена да плаќаат хотелите, а третата највисока тарифа водичите би ја применувале кога сами си обезбедуваат туристички групи, вели Аголи.
На средбата станало збор за проблемот со наплатата на туристичката такса, како и за новиот режим за сообраќај, при што како што било договорено во иднина автобусите кои превезуваат организирани групи туристи да имаат времен пристап до центарот на градот.
На средбата биле отворени и други актуелни прашања на кои во иднина заеднички ќе работат локалната, туристичките водичи и агенциите.
Г. Момироски
Фото: С. Костоски