Членови на клубот за подводни активности од Охрид во соработка со Националната установа Завод и Музеј денеска ќе започнат со вадење на оржјето од подводното депо во месноста Сараиште.
Раководител на проектот е историчарот и кустос, Никола Целакоски, а со подводните истражувања ќе раководи Милутин Секулоски – меѓународен нуркачки инструктор.
Како што ексклузивно објави ohridnews за време на неколку месечните истражувања што Заводот и Музеј ги реализираше во соработка со клубот за подводни активности од Охрид оваа пролет и летото, во водите на Охридското Езеро кај Сараиште се пронајдени големи количества пушки и кубури. Се претпоставува дека оружјето го користел турскиот аскер пред два века на овие простори.
„Не се знае на кој начин и како дошло на едно место на мала површина да имаме толкава количина на оружје. Дали се работело за илегален транспорт, или се работело за ослободување на турците од старото оружје бидејќи во тоа време дошло до модернизирање на таа турска армија не е познато“,изјави тогаш за ohridnews , директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, Јордан Трца.
Вадењето оружје од подводното депо кај Сараиште продолжува денеска. Пронајдените орудија ќе се конзервираат во лабораторијата на охридскиот Музеј. Дел од оружјето ќе ја надополни постојаната изложба од илинденскиот период, а дел најверојатно ќе биде подарено на други институции.
Горан Момироски