На средбата во Поградец ќе се разговара и за обезбедување термин за следниот состанок на Билатералниот секретаријат и за активностите поврзани со Дримскот Басен . Исто така заеднички ќе бидат земени и проби од третираните води од пречистителната станица во Поградец за да се анализираат и да се утврди квалитетот на прочистената вода која влегува во езерото.
– Континуирано и заедничко следење на состојбите е основа за утврдување на реалната состојба. Не смее одлуките за езерото и сливот да се остават во рамките на шпекулации и нагаѓања, туку да се носат врз база на строги и јасни научни и експертски податоци. Ова не е ниту 1957 , ниту 1980 па управувањето да го базираме на тие податоци и мерки. Ова е 2010 и мора да се однесуваме во согласност со состојбите. Бараме можностите за реализација на 4 годишниот заеднички Акционен План кој го изготвивме , но и договор за идни брзи преземања на мерки. Локалната и централната власт ,секоја со своите надлежности, мора да влезат во новата сфера на управување, пред се на ниво на речен Басен. Охридското Езеро е управувачки врзано со реката Дрим и тука нема бегање.- изјави Дејан Пановски, македонски претставник во Билатералниот секретаријат за сливот на Охридско Езеро.