Педесет проценти од каматата за сите кредити за инвестиции на земјоделците финансирани со ИПАРД програмата ќе ги покрива Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за рурален развој, одлучи Владата на последната седница.
-Каматните стапки во комерцијалните банки се високи и се движат од 4 до 8 проценти, а профитот во земјоделството не е значително голем. Со субвенционирањето земјоделците ќе треба да плаќаат од 2 до 4 проценти камата што сметаме дека е солидна и ќе може да ја враќаат, рече денеска на прес-конференција министерот за земјоделство Михаил Цветков.
Тој најави дека следната недела, ќе биде распишан трет оглас за користење средства од ИПАРД 1 програмата од која преостануваат уште 29 милиони евра. До крајот на годинава на располагање се 18 милиони евра за кои на огласите во октомври лани и во мај годинава се пријавија 1.200 земјоделци со апликации во вредност од седум-осум милиони евра. Останатите 11 милиони евра од ИПАРД 1 ќе може да се искористат до крајот на 2017 година.
Третиот оглас се однесува за мерките 101 и 103 со кои може да се аплицира за финансирање проекти за подигање сточарски фарми, овошни и лозови насади, набавка на механизација, системи капка по капка, откупно дистрибутуивни центри, млекари, винарии….
За подготовка на апликации за проекти на земјоделците им се на располагање 80 експерти распоредени во 34 подрачни едиици на МЗШВ. Донесена е и посебна мерка со која ресорното Министерството ќе изработи готови проекти што ќе ги понуди на земјоделците преку подрачните единици. Ќе се изготуваат типски проекти за фарми за крави, свињи, за шталско чување овци, за бројлери и слично.
OhridNews