Екипи од охридскиот Центар за јавно здравје, од утревечер, ќе започнат со земјено прскање со цел да се уништат пеперутките кои последните неколку денови ги има во роеви насекаде низ градот. Директорот на Центарот за јавно здравје, Атанаско Михаилов потенцира дека прскањето кое нивните екипи ќе го вршат не е трајно решение.

Решавањето на овој проблем не е во надлежност ниту на локалната самоуправа ниту на Центарот за јавно здравје, туку на Министерството за земјоделство. И покрај тоа ние одлучивме што поскоро да се започнеме со прскањето со кое ќе бидат опфатени сите делови од градот со што ќе дојде до уништување на живите примероци. За трајно решавање на проблемот неопходна е и интервенција од страна на надлежното министерство, кое треба да изврши прскање со соодветен препарат со кој ќе се уништат ларвите, вели Михаилов.

Како што претходно изјави градоначалникот Никола Бакрачески, локалната самоуправа е во постојан контакт со Факултетот за биологија и Управата за ветеринарни работи со цел да се изработи стратегија за трајно решавање на проблемот со наездата од инсекти.

Т.К.
фото: Владо Жура