Електронски и теренски ќе се собираат податоци за да се спроведе попис на населението во Македонија, за да нема сомнеж кај никого, кај ниту една етничка заедница, кај ниту еден граѓанин, индивидуалец, политичка партија или кој било друг субјект, најави денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на пратеничко прашање од Роза Топузова Каревска.
Подготовките за спроведување на пописот се одвиваат во две насоки и тоа за електронско поврзување на матичните евиденции за во најголем дел пописот да биде електронски и во таа насока веќе има резултати, како и подготовки за теренско собирање податоци.
„Очекуваме до крајот на оваа година да пристигне целокупната потребна опрема за поврзување на сите што постојат матични евиденции во Македонија и со тоа нашите проценки се дека околу 70 проценти од прашањата за пописот би биле електронски одговорени односно нема да треба да бидат поставувани прашања до граѓаните туку софтверски, компјутерски со електронско поврзување на матичните евиденции ќе се соберат сите потребни одговори“, рече Груевски.
За теренскиот дел, исто така, се прават одредени подготовки, поточно треба да се изврши набавка на т.н. фингерпринт или електронска проверка на биометриските податоци на тој што треба да се попише за да се потврди дека тој е во земјата и дека тој е тој кој го дава одговорот на прашањето.
„Без такво нешто секогаш би имало сомнежи дали навистина човекот што требало да одговори одговорил, дали одговорил некој друг итн.“, рече Груевски.
На овој начин пописот кој ќе биде на терен ќе биде помалку оптоварувачки и за анкетарите и за оние кои ги одговараат прашањата бидејќи ќе имаат значително помал број прашања што ќе треба да ги постават затоа што поголем дел од прашањата ќе бидат електронски преземени од матичните евиденции кои постојат.
OhridNews
Извор:„Макфакс“