Европската банка за обнова и развој како финансиер на предложениот експресен пат Охрид-Пештани неделава организираше серија консултативни состаноци со невладиниот сектор и со локалната власт. Состанокот го водеа локални претставници од ЕБОР, како и виш службеник од Одделот за животна средина и одржливост/седиште на ЕБОР во Лондон, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) – изработувач на предлог-проектот и тим експерти ангажирани од ЈПДП. Предлог-проектот го презентираше вработен од ЈПДП Македонија.
На состанокот, на кој присуствуваа и претставници од Хидробиолошкиот завод во Охрид, Здружение за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“, Здружение за заштита на животната средина „Грашница“, Туристички кластер „ЕДЕН“, Црвен Крст Охрид, Асоцијација на жени „Бисера“, Асоцијација на еколошки фармери „Гица Инкубатор“ и Туристичка асоцијација, беа присутни и членови од Граѓанската иницијатива Охрид СОС.
Присутните граѓански организации остро се спротивставија на имплементацијата на предлог-проектот поради повеќе причини: Во зоната на активно управување (каде што е незаконски да се гради), патот зафаќа 49,75 ха и на тој начин ефективно уништува 76,64 ха од зоната за активно управување, Вкупната површина на предлог проектот се протега на 324,62 ха, од кои310,46 ха се заштитена површина на Националниот парк , Незаконска и неприфатлива промена во зоните на заштита во Националниот парк (за проектот да може да се имплементира треба да се симне нивото на заштита на одредени зони!), Планскиот документ не е во согласност со целите на Планот за управување со Националниот парк Галичица, а беше изнесен и ставот дека ќе се уништи заедницата македонски даб дефинирана во Директивата за хабитати како приоритетно живеалиште, која според предлог-проектот се наоѓа кај јазолот Трпејца.
Од Охрид СОС додаваат и дека предложените промени во планот за управување се спротивни на примарната цел – „Урбанизацијата во Паркот е контролирана и во функција на одржливиот развој и квалитетот на животот во локалните заедници“, дека предвидените проекти, за коишто се врши и измена на зонирањето на паркот што претставува брутално непочитување на постојниот валиден документ, не се дел од Акциониот план за спроведување на стратегијата за развој на туризмот во НП Галичица, постои огромен ризик изградбата на патот да ги наруши подземните водени текови кои го напојуваат Студенчишкото Блато, што може да значи дека блатото може да се уништи, а доколку се уништи блатото, во многу скоро време ќе се уништи и езерото и дека експресниот пат не е економски одржливо решение бидејќи по него не смее да се движат пешаци и велосипедисти, а воедно не е финансиски оправдано решение бидејќи сообраќајниот метеж е проблем само приближно триесетина денови во годината.
Единствената граѓанска организација која го поддржа предлог-проектот, беше Туристичката Асоцијација. Нејзиниот претставник кажа дека експресниот пат ќе биде одлична придобивка за Охрид и туризмот.
Граѓанските организации изразија загриженост за приказната зад експресниот пат. Истакнаа дека имајќи ги предвид гореспоменатите негативности поврзани со имплементацијата на проектот, причините за негово спроведување делуваат сомнителни и невистинити. Според нив вистинската цел на овој проект е иницијална фаза од реализацијата на ски-центарот Галичица, што според нив е бескорисен и исклучително штетен проект што ќе значи уништување на Националниот Парк.
Претставниците од ЕБОР со став дека Стратегиската оцена за влијание врз животна средина за националниот парк Галичица ќе се ревидира. Потоа ќе следуваат студии за проценка на биодиверзитетот и за мапирање на хабитатите долж трасата (ЈПДП има најмено француска компанија по препорака на ЕБОР за овие две студии, кои ќе соработуваат со локални експерти), а ќе се направи и студија за проценка на влијанието врз природното и културното наследство (во соработка со УНЕСКО).Ревидираната стратегиска оцена се очекува да биде готова до крајот на јуни 2015 НП Галичица како нарачател на студијата ќе организира јавна расправа во согласност со националните процедури и СОВЖС ќе биде отворена за коментари 120 дена по нејзиното објавување.
OhridNews