Охрид стана петтата општина во Македонија каде ќе се имплементира проектот за рециклирање на пластичниот отпад, кој финснсики го подржува УСАИД со 30.000$. По тој повод директорката на Мисијата на УСАИД во Македонија, Патриша Рајдер и градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, денеска ќе потпишат меморандум за разбирање со што ќе се најави почетокот на Програмата за рециклирање пластика во Охрид.


Отпочнувањето на проектот за рециклирање на пластичниот отпад го одбележа и италијанско-македонскиот бизнис форум за рециклирање пластика, на кој експерти од Италија ќе презентираат искуства од сферата на јавно приватно партнерство во областа на заштита на животната средина.

Заштитата на животната средина е глобално прашање, но секоја земја поединечно сноси одговорност,  без оглед на нејзината економска моќ и развој, рече амбасадорот на Италија во Македонија, Донатино Маркон. „Најмногу внимание треба да се обрати на областите кои се однесуваат на заштитата на здравјето на луѓето, а најдобар начин да се постигнат подобри резултати во третирање на отпадот, е во тој процес да се вклучи приватниот сектор, рече Маркон. Тој информираше дека Италија финансира повеќе еколошки проекти во Македонија. Во тек е реализиција на проект за заштита на сливот на р. Радика, по што ќе отпочне проект за заштита на НП Маврово чија вкупна вредност е 10 милиони евра, рече Маркон. Тој рече дека се изработени физибилити студии и за повеќе други еко проекти во Македонија чија вкупна вредност изнесува околу 70 милиони евра, а нивната реализиција ќе зависи од одлуката на италијанската влада.


Според Патриша Рајдер од УСАИД сепарацијата и рециклирањето на отпадот е од суштетствено значење за заштита на животната средина. Таа информираше дека проектот на јавно приватно партнерство во комуналната сфера во Македонија се имплементира во општините Гостивар, Струмица, Кочани и Карпош. Проектот за рециклирање на пластичниот отпад од денеска ќе се имплементира и во Охрид, а во наредниот период со него ќе бидат опфатени нови 20 општини, соопшти Рајдер.

Македонија ја има донесено Стратегијата за управување со отпад, а со реализација на проектот за јавно приватно партнерство во комуналната сфера ќе се зголеми конкурентноста, а со тоа и квалитетот на услугите и заштитата на животната средина, истакна државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Дејан Паноски.


Дејан Паноски

Првиот човек на јавното комунално претпријатие од Охрид, Боро Павлоски, истакна дека со рециклирањето на пластичниот отпад ќе поевтинат трошоците за одлагање на отпадот и ќе има помалку загадување. Тој рече дека граѓаните на Охрид одлично ја прифатиле идејата за сепарирање на отпадот, но како што рече, недостигаат доволен број садови за одлагање на пластичниот отпад. Но, со овој проект, како и со другите активности кои ги преземаме се надевам брзо ќе го отстраниме тој проблем, рече Павлоски.


Боро Павлоски

Организатори на првиот италијанско – македонски бизнис форум за рециклирање пластика се италијанскиот Институт за надворешна трговија во соработка со Проектот за Рециклирање пластика при УСАИД, со поддршка од италијанската Асоцијација на произведувачи на гума и пластика и Заедницата на локални самоуправи на Македонија.

Г. Момироски