Владата на Република Македонија го усвои предлог законот за трансформација во редовен работен однос. Со законот се решава работниот статус на волонтерите, односно работниот ангажман на лицата кои од страна на државните институции и органи во разна форма се ангажирани на определено работно време, и тоа преку разен вид на договори, кои подолг период работат во институциите но немаат засновано редовен работен однос, туку работат на определено време или пак се ангажирани со договори за дело, авторски договори или друг вид договори, но не со договори на неопределено време, односно не се трајно ангажирани, информира на прес конференција вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Со Законот за трансформација во редовен работен од, се обезбедува решавање на статусот на неколку илјади лица кои се ангажирани во органите на државната власт, установите од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита основани од Република Македонија и единиците на локална самоуправа, како и јавните претпријатија, заводите, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Македонија.

Со законот се предвидува сите лица кои биле ангажирани во работен однос кој не бил од траен карактер, односно не биле редовно вработени, а биле ангажирани во таков работен однос најмалку 3 месеци и тоа заклучно со 30.11.2014 година а и во моментов се активно ангажирани на работа во институциите, да можат да го остварат правото за засновање на редовен работен однос, односно работен однос на неопределено време. Имплементацијата на овој закон ќе започне веднаш по изгласувањето на законот во Собранието и неговото стапување во сила. Со денот на стапување на сила на овој закон, институциите се должни во рок од 30 дена да склучат договори за редовен работен однос со ангажираните лица.

Поради фискалниот ефект, стапувањето на сила на договорите за вработување и воведувањето на лицата во редовен работен однос е предвидено да се реализира во три групи, односно етапно во три периоди и тоа:

– веднаш ќе бидат воведени во редовен работен однос 35% од ангажираните лица,
– следните 35% од ангажираните лица ќе бидат воведени во редовен работен однос од 01. 12. 2015 година и
– останатиот број на ангажирани лица ќе бидат воведни во редовен работен однос од 01. 09. 2016година.

Во периодот до стапување на сила на договорите за редовен работен однос лицата нема да останат без приходи, односно истите и понатаму ке бидат ангажирани во институцијата на начинот на кој и во моментот се ангажирани односно со волонтерски договор, договор на дело, авторски или друг договор и ќе добиваат паричен надоместок по основ на тие видови договори. Тоа значи дека нема да има прекин во нивниот работен однос и прекин на платата, туку ќе работат и ќе земаат плата, а ќе бидат воведени во редовен работен однос согласно периодите кои претходно ги истакнав, односно дел веднаш, дел во декември оваа година, и дел во септември 2016 година.

Приоритет во однос на динамиката за стапувањето на сила на договорите за редовен работен однос ќе имаат лицата кои се ангажирани во институцијата најдолг временски период, односно оние кои најдолго се ангажирани ќе бидат најпрво воведени во редовен работен однос, односно први ќе бидат редовно вработени.

Процедурата за реализација на оваа трансформација во редовен работен однос е едноставна односно раководителите на институциите треба да се обратат со барање до Министерството за финансии за согласност и да ги приложат договорите за ангажирање и доказ за извршени исплати кон овие лица.

OhridNews