Со Просторниот план на охридско- преспанскиот регион, кој деновиве беше промовиран во Охрид, се очекува конечно да се реши проблемот околу чистењето на делот од крајбрежјето кое не е дадено под концесија.

Со планот конечно точно ќе се знае кој за што е одговорен, односно кој е надлежен за чистењето на плажите кои не се издадени и од кои отпадот треба да се подига преку целата година, а не само во летниот период, категоричен е градоначалникот Александар Петрески.

Проблемот со чистењето на плажите кои не се издадени под концесија се провлекува веќе неколку години.


Локалната самоуправа беше на став дека Министерството за транспорт и врски, како сопственик на крајбрежјето, е должно за чистењето да му плаќа на јавното претпријатие. И покрај тоа, пари од министерството за услугите на ЈП Комуналец не пристигаа- со образложение дека одржувањето на хигиената на крајбрежјето, во целост, е обврска на Јавното претпријатие. Па така, со години, поголемиот дел од крајбрежјето остануваше прекриено со отпад.

Точно е дека согласно Законот за јавна чистота, прибирањето на отпадот од  плажите кои не се издадени под концесија, е обврска на ЈП Комуналец , но според истиот закон, ние сме давател на услуга, но корисник е тој кој е сопственик или концесионер, во овој случај, тоа е Министерството за транспорт и врски, во неколку наврати изјавуваше директорот на ЈП Комуналец, Сашо Алчев.

Министерството за транспорт и врски се јавува како сопственик на целото крајбрежје во должина од 24 километри. Од нив само 3 км се издадени под концесија и според договорите за закуп, за одржувањето на хигиената, концесионерите имаат обврска да склучат договор со ЈП Комуналец.

OhridNews