Општина Охрид во текот на оваа година планира да изврши реконструкција на три локални патишта. Се работи за реализација на втората фаза од Проектот за реконструкција на патот Косел – Вапила – Ливоишта; втората фаза од Проектот за надградба со асфалт и проширување со банкини на локалниот пат до село Велестово и Проектот за употреба и одржување на локален пат во месноста Кромидишта, во населбата Рача.

Со цел да се обезбедат средства за реализација на овие инфраструктурни проекти општинските надлежни служби веќе имаат аплицирано на Јавниот оглас од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година кој го имаше објавено Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Надлежните од  Сектор за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид, кои ја подготвуваа техничката документација за апликацијата не информираа дека Советот на општина Охрид на една од претходните седници усвоил одлуки со кои се потврдува дека овие проекти се дел од приоритите на општина Охрид и истите се вклучени во стратешките документи на општината како што се Развојната програма за изградба и реконструкција на локални патишта и улици за периодот од 2015 – 2017 година, како и во Потстратегијата за рурален развој на општина Охрид 2014-2018.

-За реализација на втората фаза од проектот за реконструкција на патот Косел-Вапила-Ливоишта со вредност од 8.845.492 денари се аплицираше за мерка 323-„Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја“. За реализација на втората фаза од Проектот за надградба со асфалт и проширување со банкини на локален пат до село Велестово кој изнесува 14.542.633 се аплицираше за мерката 321-„Подобрување на квалитетот на животот во рурални средини“, информираа од Сектор за комунални дејности, сообраќај и улици.

Оттаму објаснија дека покрај овие два проекти, на јавниот повик за рурален развој била поднесена апликација и за мерката 322–„Обнова и развој на селата“ со Проекто за употреба и одржување на локален пат во месноста Кромидишта, во населбатаРача, за чија реализација се потребни 5.958.900денари.

Според Јавниот повик на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, финансиската поддршка од Програмата за рурален развој се исплаќа по принцип на финасирање на завршени инвестиции од страна на корисникот во висина од 100 % од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестицијата.

Право на користење на средствата од оваа програма имаа Единиците на локалната самоуправа- рурално подрачје, Единиците на локалната самоуправа на чија територија се наоѓа руралната средина за која се однесува инвестицијата, Централните плански региони и Агенцијата за промоција и поддршка на туризнот во Република Македонија.

Е.М