Реконструкцијата на водоснабдителниот систем во охридското село Лакочереј, ќе започне наскоро дознава Ohridnews. За оваа намена Министерството за животна средина и просторно планирање од својот буџет за 2008 година издвои 2 милиони денари. Исто толку средства ова министерство издвои и за довршување на водоснабдителниот систем во село Мороишта -Струшко.
По разговорите со граѓаните препознавме важност за довршување и реконструкција на овие системи и успеавме да изнајдеме средства кои ќе ги овозможат проектните активности. Средствата се веќе обезбедени и следува отпочнувањето на работите, изјави за Ohridnews, државниот декретар во МЖСП, Дејан Паноски. Тој најави дека наскоро ќе бидат реализирани уште неколку други проекти кои ќе бидат во функција на заштита на животната средина и подобрување на животот на граѓаните во охридско-струшкиот регион.
Во селото Г. Лакочереј, жителите повеќе од седум години користат неисправна вода. Испитувањата на Републичкиот завод за здравствена заштита- РЗЗЗ направени минатата година, покажале дека во водата од селскиот бунар има амоњак, нитрити, нитрати, и зголемено количество на други штетни материи и метали, и дека не смее да се употребува.
Селаните се жалат дека водата има чуден мирис и вкус и жолтеникава боја и велат дека од состојките во неа им страда санитаријата. Жителите на Лакочереј велат дека се приморани вода за пиење да носат од Охрид, но и покрај тоа одбиваат да се приклучат на градскиот водовод зошто не сакале да плаќаат скапа вода.
ohridnews