По минатогодишното воведување на бродска линија помеѓу Охрид и албанскиот град Подградец, Министерството за транспорт и врски прави нови чекори во насока на развој на овој вид сообраќај во Охридското Eзеро.

Фирмата „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“ од Скопје во наредните шест месеци ќе работи на проектна документација за најавената реконструкција на пристаништето во Свети Наум, како и на пристапните мостови во Трпејца, Пештани и Радожда, објави „Build“. Со развојот на инфраструктурата ќе се овозможи впловување на поголеми и на помали пловни објекти во овие населени места.

Министерството од сопствениот буџет издвои 554.600 денари за оваа намена. По изготвувањето на проектот, ќе се пристапи кон следните фази од реализација на реконструкцијата на пристаништата и пристапните мостови долж Охридското крајбрежје. Во согласност со податоците на Државниот завод за статистика, бродскиот транспорт во текот на 2013 година го користеле 31.660 патници.

OhridNews

Извор:„Build“