Експерти од Машинскиот факултет во Скопје продолжуваат со вештачење на делови од бродот „Илинден“ со цел да се утврдат причините за несреќата што се случи на 5-ти септември во која животот го загубија петнаесет бугарски туристи.

Македонските експерти се во постојана комуникација со стручните лица од Словенија и Хрватска кои деновиве треба да допатуваат во Охрид. Во нивно присуство ќе се изврши реконструкција на несреќата при што бродот „Илинден“ ќе биде оптоварен со тежина еднаква на моментот на потонувањето.

Во меѓувреме бранителот на капетанот на бродот „Илинден“ по втор пат до Апелација ја обжали одлуката на Кривичниот совет при Основниот суд во Охрид кој неодамна го продолжи притворот на Сотир Филески за уште триесет дена.

Од одлуката на Апелациониот суд ќе зависи и одлуката на истражниот судија за евентуално ослободување на Филески од притвор.

Ohridnews