“Повторно за името на Кутмичевица-нови сознанија за  областа каде што Св. Наум ја продолжил учителската  дејност”, “Химнографското творештво на Св. Наум Охридски-непознати факти”,  “Деталите од  духовната и книжевна традиција на Св. Наум на Света Гора”, “Изворот на епитетите Чудотворец и Охридски”, се дел од научните трудови што ќе бидат презентирани на Симпозиумот,  кој Македонската православна црква ќе го организира наесен, по повод 1100 годишнината од упокојувањето на Свети Наум Охридски. Од МПЦ информираат дека за учество на овој научен собир до сега се пријавени 18  врвни академици, доктори, магистри и професори од Македонија, Бугарија и Србија.

Освен  животот и делото на чудоворецот,  дел од научните  работници големо внимание му посветуваат и на карактеристиките и потеклото на иконостасите и фреските посветени на Св. Наум, кои се наоѓаат низ  Македонските православни цркви и манастири. Неретки се и научните трудови кои го обработуваат духовниот живот на Св. Наум, претставен во Житијата .

Покрај Симозиумот, за годишнината од упокојувањето на Св. Наум,  МПЦ ќе изготви и посебна програма за достојно чествување на охридскиот чудотворец. Исто така “1100 години од смртта на Св. Наум Охридски Чудотворец” е централен  јубилеј и  во Програмата за одбележување значајни настани и истакнати личности во 2010 година, чии што покровител  е Собранието на Република Македонија. За таа цел пратениците  именуваа Одбор, кој ќе биде задолжен,  да ја организира прославата на овој значаен јубилеј на државно ниво.

Е.Е.