Камен темелник на Музејот на вода кој ќе биде подигнат во Заливот на коските кај Градиште, ќе биде поставен утре. На свеченоста по повод отпочнување на реконструкцијата на наколната населба од бронзеното време, најавено е присуство на премиерот, Никола Груевски, кој утре вечер токму од Охрид ќе ја започне предизборната кампања.


Наколната населба ќе се реконструира во Заливот на коските кај Градиште

Според најавите наколната населба ќе биде реконструирана до крајот на годинава. Таа ќе биде реконструирана автентично на остатоците од праисториската населба во подводниот археолошки локалитет „Миќов град“. Набавени се 600 метри кубни дабова дрвена граѓа, од околината на Кичево, која по сушењето во посебни услови беше испратена на импрегнација во Словенија,  со цел да се добие поголема издржливост на дрвото кое ќе биде поставувано во вода.

Покрај екстериерот ќе се реконструира и ентериерот, а во дрвените куќички што ќе бидат изградени над вода ќе бидат изложени сите предмети пронајдени за време на осум годишните археолошки истражувања на подводниот локалитет, така што посетителите ќе можат многу реално да го почувствуваат животот во бронзеното време, најавија археолозите.

ohridnews