– Со законот кој на сила стапи минатиот месец процесот на лиценцирање се поедноставува и тоа за сите превозници, како оние за превоз на стока, така и на оние што вршат превоз на патници, изјави министерот за транспорт Миле Јанакиерски, кој денеска во Охрид имаше работна средба со 80-тина превозници, членови на Здружението на превозници во патниот сообраќај „Исток“. Пјаснувајќи ги измените во делот на сузбивање на појавите на нелиценцирани превозници, тој посочи дека во Законот се предвидени ригорозни санкции, и тоа од парични казни, преку одземање на сообраќајна дозвола, се до одземање на возилото.
Со Законот се предвидува и нов начин на дистрибуцијата на линиите која ќе се врши по електронски пат и тоа двапати годишно, во март и септември, а самото обновување на линиите ќе се врши на секои пет наместо четири години како што беше досега, рече Јанакиески. Уште една новина која ја посочи министерот е категоризацијата на автобуските станици – процес кој очекува да биде заокружен до март идната година.
Превозниците кои на средбата со Јанакиески ги изнесоа забелешките и проблемите со кои се соочуваат, генерално се задоволни од новиот закон.
– Во законското решение се вметнати нашите забелешки, задоволни сме од измените, но се надеваме дека законот нема да остане само на хартија туку ќе профункционира во пракса и конечно ќе се стави ред во транспортниот превоз, ни изјави Димитар Василевски од АД„Галеб“ – Охрид.
Задоволство од новото законско решение искажа и претседателот на Здружението на превозници во патниот сообраќај „Исток“ Горан Трпковски.
– Се она што ние побаравме, што сметаме дека е добро за нас како легитимни превозници, а и за оние кои сакаат да бидат легитимни превозници, е прифатено и се одвива во добра насока, истакна Трпковски.
Министерството за транспорт и врски информираше дека во период од јуни годинава досега има издадено 781 лиценца за превоз на патници и стоки,а уште околу 300 барања за лиценцирање се во постапка и ќе бидат завршени деновиве така што до крајот на оваа година ќе бидат лиценцирани повеќе од 90 отсто од компаниите кои вршат превоз на стоки и патници.