По мотот „Мир-Традиција-Иднина“ во понеделник на 8-ми јуни во Струга ќе биде одбележана 71 година од формирањето на Првата Македонска Пролетерска Народно-Ослободителна Ударна Бригада. Свеченоста за одбележување на овој датум ги организира Општинскиот одбор на Сојузот на борци од Струга.

Во рамки на свеченоста ќе биде положено свежо цвеќе на Споменикот на револуцијата во Струга и на Споменикот на Првата Македонска Пролетерска Народно-Ослободителна Ударна Бригада во село Локов, Малесија.

Говор пред присутните ќе одржат Претседателот на Општинскиот одбор на Сојузот на борци од Струга Ајредин Мемеди, претставникот на Сојузот на борци на Македонија Вера Бунтеска, а историски осврт за формирањето на ПМПНОУБ ќе даде историчарот Наце Иваноски.

Првата Македонска Пролетерска Народно-Ослободителна Ударна Бригада е формирана на 8-ми јуни 1944 година во село Локов, Струшка Малесија. ПМ Бригада била составена од два македонски батаљона кои претходно биле во состав на ПМКНОУБ: Кичевско-дебарскиот и Преспанско-Охридскиот батаљон, како и борци на Партизанскиот одред Јане Сандански, Велешкиот партизански одред, Костурско-Леринскиот партизански одред и ново пристигнати борци од Малесија, Дебарца и Копачка.

Првата Македонска Бригада учествувала во борбите во Струшка Малесија, Дебарца и Копачка, за ослободување на Дебар, Охрид, Струга, Кичево, Гостивар и други места во Западна Македонија, како и при пробивот на Сремскиот фронт ослободувањето на Славонија, Загреб се до крајните северни граници на Југославија, до конечната победа над фашистичката окупаторска војска. Зад тие борбени патишта стојат околу 1038 борци од кои 378 ги оставиле своите животи на военото боиште.

Од 1-та Македонска Ударна Бригада за Народни Херои се прогласени: Чеде Филиповски Даме, Коста Михајловски Михо, Драгутин Ѓорѓевиќ Алија, Крсте Црвенковски Трајко, Лазар Поповски Трајче и Атанас Забазноски Руски. Бригадата е одликувана и со Орден заслуги за народ и Орден на Братство и Единство.

OhridNews