Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ од Струга, по повод патрониот празник на установата, утре на 23-ти јуни во 18 часот ќе организира пригодна свеченост за одбележување на јубилејот „155 години од издавањето на Зборникот на Браќата Миладиновци“.

За значењето и вредноста на Зборникот ќе говори професор Петар Аврамоски, а извадоци од Зборникот ќе читаат членови на драмското студио „Миладин“.

Во рамки на свеченоста со своја музичка точка ќе настапи и пра-внукот на Димитрија Хр. Миладинов, Христијан Миладинов, кој е ученик во Музичкото училиште „Тодор Скаловски“ во Струга.

Зборникот на Браќата Миладиновци излегол од печат на 24-ти јуни 1861 година, од печатницата на Анте Јакиќ, во Загреб. Во овој Зборник на 538 страници голем формат се објавени вкупно 660 песни, од кои 584 македонски и 76 бугарски. Покрај тоа, во книгата се приклучени уште и свадбени обичаи од Струга и Кукуш, годишни обичаи од Струга, верувања, игри, преданија, сопствени народни имиња, пословици, гатанки и мал македонско-хрватски речник.

OhridNews