Откако на првиот повик за јавно приватно партнерство за изградба на Градскиот пазар во Охрид не се пријави ниту една заинтересирана фирма, охридската локална самоуправа ќе отвори втора тендерска постапка за оваа намена.

За таа цел на денешната седница на Советот на општина Охрид беа усвоени Предлог одлуките за усвојување на нова Физибилити студија за изградба на затворен зелен пазар и за давање на согласност за започнување на постапка за јавно приватно партнерство. Овие предлог одлуки на дневниот ред на седницата беа вметнати дополнително, по предлог на секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.

Советничката група на СДСМ се спротистави на оваа одлука со образложение дека материјалите за дополнителните точки не ги добиле навреме.

-Материјалите за овие точки ги добивме непосредно пред почетокот на седницата, а сметаме дека не можеме за една ваква витална точка да разговараме на самата седница без претходно да бидеме подготвени и  да ги разгледаме тие материјали, рече Јован Стојаноски, координатор на советничката група на СДСМ.

Спорeд него новата Физибилити студија не е добра бидејќи во неа се влошени условите за јавниот партнер во корист на приватниот партнер.

-Ние сме советници на општина Охрид и сме задолжени да го штитиме интересот и имотот на општина Охрид. Во овој случај ние учествуваме со околу  45 % проценти од средствата предвидени во инвестицијата, а според предвидената поделба на имотот, општина Охрид добива околу 15% од имотот, а приватниот партнер добива 85% од приватниот имот. Не можеме да се сложиме дека ова е направено во интерес на општината и граѓаните, потенцираше Стојаноски.

Реагираше и советникот на ВМРО-НП, Јоне Станковски кој истакна дека со поставување на овие две точки на дневен ред, локалната самоуправа го крши деловникот.

-Не ги прифаќаме поставените точки на дневен ред, бидејќи се работи за инвестиција која е над 6 милиони евра и која што е од големо значење за живеењето на Охрид. Очигледно е дека локалната самоуправа и градоначалникот сакаат на мала врата да протуркаат точки кои што се од витално значење за Охрид, без поширока дискусија и без јавноста да биде запознаена за што точно се работи. Во наредниот период ќе се потрудиме да ја запознаеме јавноста за каков потег се работи и каква грешка прави локалната со донесување на оваа физибилити студија и со донесување на одлуката за распишување на јавно приватно партнерство, изјави Станковски.

Сeкретарот на општина Охрид, Димитар Спасески рече дека несодветни се тврдењата на опозицијата за ненавремено доставување на материјалите.

-Апсолутно не држат тврдењата на советниците од опозицијата  дека материјалите биле доставени два дена пред седницата. Опозицијата треба да го разгледа своето работење и да утврди дека со процедурални забелешки не се остваруваат поени кај граѓаните и дека граѓаните почитуваат и ценат само работа. Сметаме дека периодот од два дена за разгледување на документација е сосема доволен, потенцираше Спасески.

Тој очекува дека новиот тендер за изградба на Градскиот пазар, кој наскоро ќе го распише општината ќе биде успешен.

Е.М