Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе понуди атрактивни локации во рамки на училиштата во Скопје и поголемите општини во земјава за отворање приватни градинки. Локациите ќе бидат понудени по почетна цена од 1 евро по метар квадратен со намалени комуналии за 95 проценти.
Ова го најави ресорниот министер Диме Спасов кој рече дека целта е да се поддржи приватниот сектор.
-Се трудиме максимално да ги потикнеме приватните инвеститори за да инвестираат во изградба и отворање нови приватни градинки. Во изминатите две и пол години имаме навистина позитивни ефекти и позитивни резултати во отворање на приватни детски градинки. До сега се отворени вкупни 20 приватни детски градинки, што исто така влијае значително на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст особено во градот Скопје, бидејки поголемиот дел од приватните детски градинки се наоѓаат во Скопје, но веќе се зголемува интересот во повеќе градови ширум Република Македонија за отворање на повеќе приватни детски градинки, рече Спасов денеска при почетокот на изградбата на нова градинка во Општина Илинден.
Тој истакна дека не само што се зголемува капацитетот, туку исто така овие приватни детски градинки отвораат нови работни места и оти во овие 20 нови приватни градинки работат над 150 лица, кој се отворени изминатите неколку години.
Спасов потенцира дека покрај инвестициите на Министерството во општинските јавни установи, во нови објекти, за детски градинки во рамки на повеќе општини во Република Македонија планот на Министерството е отворање 40 градинки во четиригодишен период, односно по десет објекти годишно, секоја година практично се надминува бројот на десет објекти во којшто се инвестира во соработка со општините.
OhridNews