Ќе се изработува целосно нов Закон за високо образование, договорија претставниците на ректорската управа на УКИМ, претставниците на Владата и претставниците од Студентскиот и Професорскиот пленум на втората средба на којашто се разговараше за реформите во високото образование.
Претставничката на Студентскиот пленум којашто учествува во преговорите, Ивана Туфегџиќ по средбата изјави дека било прифатено нивното барање за создавање на нов закон. Заклучоците од средбата ќе бидат презентирани вечерва на нивниот состанок по што, студентите ќе излезат со став. На пленумот студентите ќе зборуваат и за тоа дали ќе биде прекината „Автономната зона“ на факултетите.
Ректорот Велимир Стојковски појасни зошто е потребен нов Закон за високо образование и ги повика професорите и студентите да се вратат на работните обврски.
„Прво, постоечкиот закон во последниве шест години претрпува 15 измени, второ, постои заедничка определба за подигнување на квалитетот на високото образование, сеопфатни реформи за подигнување на квалитетот и знаењето во високото образование“, рече Стојкоски.
Ќе бидат формирани работни групи кои во рок од 30 до 40 дена ќе го изработат новиот закон во кој ќе бидат вклучени сите заинтересирани страни, по што ќе биде организирана конференција и ќе бидат формирани пошироки работни групи кои ќе го напишат текстот кој ќе биде ставен на јавна расправа.
Ректорот не прецизираше дали државниот испит ќе биде дел од новиот закон. Договорот се постигна по неколку протести на студентите против државниот испит и окупацијата на факултетите.
OhridNews
Извор:„Макфакс“