Со новиот Закон за МАРнет (Македонската академска истражувачка мрежа) ќе се либерализира домејнот мк. што ќе значи отвoрање на повеќе филијали низ државата во кои сите физички и правни лицa ќе можат да регистрираат свои веб страници.

Мирјана Секуловска, заменик – министер за информатичко општество на денешната средба за новинари рече дека во новиот закон за МАРнет, кој е управител на домејнот мк предвидено е истиот слободно да се даде на пазарот

„Фирмите кои вршат услуги за регистрирање на домејни ќе имаат комуникација со главниот управител на домејнот мк., односно со МАРнет а тоа значи дека ќе може и преку интернет да се регистрира домејн“ – рече Секуловска

МАРнет која до сега функционираше како организациона единица на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, со новиот закон кој беше изгласан овој месец, мрежата ќе премине во Јавна Установа и ќе биде во функција на сите универзитети, сите средни и основни училишта и научно истражувачки центри.

„Постојат препораки од ЕУ, доколку сакаме да станеме информатичко општество да се стави акцент на развојот на академски истражувачки мрежи со брз и безбеден интернет кои ќе се користат од страна на универзитетите и научно истражувачките центри на сите образовни и културни институции и преку тие мрежи да се едуцираат идни човечки ресурси.“ – вели Секуловска

Со МАР нет кој треба да започне со работа од први јануари следната година ќе управува директор избран по пат на конкурс и Управен Одбор составен од седум члена меѓу кои 5 универзитетски професори, што ќе значи дека Универзитетите се тие кои ќе управуваат со мрежата.

„МАРнет ќе ја води затворената комуникациска мрежа, ќе се грижи за одржување и развивање на мрежата управување со врските меѓу корисниците на телекомуникациските услуги, ќе се грижи за брз и безбеден интернет воспоставување на комуникации со другите национални академски мрежи, ќе воспоставува врска со меѓународни проекти и ќе води регистар на домејни“ – додаде Секуловска.

OhridNews
извор:„Макфакс“