Во согласност со Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2015 година, во тек е реализацијата на проектот за непосредна заштита на камбанаријата во охридскиот манастирски комплекс „Св. Богородица Перивлепта“,  која е донација од познатиот научник од светски рамки, Михајло Пупин.

Надлежната установа од областа на непосредната заштита, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, го изработи основниот проект за санациско-реставраторски зафати на објектот, кој подразбира промена на покривната конструкција и на покривниот покривач, како и превентивни мерки за санација на неговите фасади. Административната процедура околу одобрувањето на проектот е при крај и се очекува почнување на работите во најскоро време. Во рамките на комплексот ќе продолжи и непосредната заштита на фрескоживописот во црквата „Св. Богородица Перивлепта“, а ќе се одвиваат работи за конзервација на манастирскиот конак, активности што се предвидени во Програмата на Владата на Република Македонија, информраат од министерството за култура.

Црквата посветена на Богородица Перивлепта содржи градежни и сликарски фази од XII до XIX век. Од нив, особено се издвојува фрескоансамблот создаден во духот на палеологовската ренесанса од врвните мајстори Михајло и Евтихиј, чиј потпис е евидентиран на дваесетина места на славното сликарско дело. Црквата е позната и како „Нов Свети Климент“ бидејќи, по уривањето на црквата на Плаошник во XV век, моштите на св. Климент се чувале во оваа црква сé до 2002 година. Во рамките на комплексот се наоѓаат и: предметната камбанарија, манастирски конак, гробот на Григор Прличев, Галеријата на икони и Седиштето на Митрополијата – споменични единици кои се сведоци на времето во кое се создавани.

OhridNews