Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, оствари средба со Даниел Митов, министер за надворешни работи на Република Бугарија. На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните политичко-економски состојби во двете земји, како и за севкупните состојби во регионот, со посебен нагласок на предизвиците поврзани со стабилноста, безбедноста и евроатлантските процеси.

Информирајќи го Митов за актуелната политичка состојба во Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека е неопходно сите политички фактори да делуваат одговорно, да се ангажираат во конструктивен дијалог во насока на институционално решавање на сите предизвици, согласно Уставот и законите на Република Македонија.  Во тој контекст, македонскиот претседател укажа на последиците од статус-кво состојбата со македонските евроинтеграции кои излегуваат на површина во моменталната политичко-безбедносна состојба во Република Македонија.

 

Двајцата соговорници констатираа дека е потребно јасно и категорично ангажирање на Европската унија во процесот на стабилизација на земјата и продолжување со европските и евроатлантските интеграции.
 
Претседателот Иванов и министерот Митов, го потврдија заемниот интерес за унапредување на политичкиот дијалог на високо ниво. Заедничка  констатација е дека постои интерес меѓу двете земји за надминување на предизвиците и за натамошно зајакнување на билатералните односи. Претседателот Иванов ги потврди заложбите за натамошен дијалог и продолжување со работа на групите за усогласување на Договорот за добрососедство пријателство и соработка, притоа реафирмирајќи ја определбата на Република Македонија за најдобри можни односи и соработка со сите соседи, како врвна стратешка цел, покрај евроатлантските интеграции и регионалната соработка.

„Република Македонија и Република Бугарија ја споделуваат визијата за Регионот, целосно интегриран во европските и евроатлантските структури, во овој процес поддршката од соседите е есенцијална“, истакна претседателот Иванов, изразувајќи очекување дека Република Бугарија ќе даде силна поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори со Република Македонија, како и поддршка за прием во НАТО.
 
Двајцата соговорници се согласија дека постои простор за интензивирање на соработката меѓу двете земји, како и за зајакнување на меѓусебната доверба, преку реализација на практични проекти во сферата на образованието, културата, економијата, евроинтеграцискиот процес, здравството, инфраструктурното поврзување, енергетиката, транспортот и животната средина.  

OhridNews