Од Царинската управа информираат дека се преземаат мерки за олеснување и забрзување на граничните формалности и зголемување на пропусната моќ за стока на граничните премини. Во таа насока, избрана е консултантска фирма која до крајот на годината ќе ја подготви градежно техничката документација за надградба на објектите на граничните премини Ќафасан и Табановце.

Станува збор за проширување на постојниот терминал за увоз и извоз на стока на граничниот премин Табановце за дополнителни 4.000 м2 и изградба на нови придружни објекти, како и изградба нов увозно извозен царински терминал од 9.500 м2 на граничниот премин Ќафасан со пристапни патишта, објекти за царинење и други инспекциски органи како и реконструкција на постојните објекти. За таа цел, обезбедени се средства од ИПА фондовите во износ од 1,9 милиони евра за граничниот премин Табановце и 1,5 милиони евра за граничниот премин Ќафасан.
 
Со овие проекти, ќе се забрза и олесни стоковата размена, особено на фреквентните гранични премини, а воедно ќе се олесни и забрза транспортот долж пан-европските коридори 8 и 10.

OhridNews