Во Собранието на Р. Македонија во процедува влезе Законот за гаранција на заем кај Светска банка, со кој, меѓу другото, се предвидува изградба на нов пат од Охрид до Битола, дознава OhridNews.

Законот предвидува вкупна изградба на 112 километри нови патишта во Mакедонија во вредност од 52 милиони евра. За патниот правец Охрид – Битола, опфатен е потегот од превојот Буково до Ресен и Битола – Макази, Ресен.

Информацијата за изградба на новиот пат Охрид – Битола, ја потврди пратеникот Александар Николоски, кој на својот Facebook профил најави дека по завршување на потребните процедури, проектот ќе биде реализиран во период од една година.

-Во Собранието на Р. Македонија дадовме подршка на законот за гаранција на заем кај Светска банка. Исклучително поволен, со рок на враќање 23 години и 6 години грејс период. Најдоцна на почеток на 2015г. почнува градбата со рок на изградба една годниа. Ова ќе значи силно поврзување на општините Струга, Вевчани, Дебрца, Охрид, Ресен и Битола. Изградбата на инфраструктурата во Охрид и 5тата изборна единица беше мое најголемо ветување во изборите и драго ми е што се реализира.-пишува на својот Facebook профил пратеникот Александар Николоски.

Патот Охрид – Битола иако е исклучително фрекфентен, е еден од најлошите во земјава. Се очекува неговата изградба, и реализација на автопатот Охрид – Кичево, значајно да ја придвижи локалната економија и позитивно да влијае на развојот на туризмот во Охридско-струшкиот регион.

OhridNews