Селото Велмеј ќе добие систем за фекална канализација во должина од 9354 метри. Изградбата на системот ќе се состои од главен крак, колектор кој ќе минува низ средината на селото и кој ќе ги прифаќа останатите секундарни краци, најави градоначалникот на општина Дебарца, Игор Трајкоски.
– Во овој проект предвидени се вкупно 237 ревизиони и каскадни шахти. Секундарните краци ќе ги зафаќаат отпадните води од сите објекти и по гравитационен пат ќе ги транспортираат до главниот крак од каде отпадните води ќе се водат во пречистителна станица. Вкупната вредност на проектот изнесува 17.473.679 денари, додека вкупниот број на жители кои ќе бидат опфатени според проектна документација изнесува 700 жители, информира Трајкоски.
Изградбата на системот за фекална канализација во Велмеј е само еден од проектите предвидени да се реализираат во наредниот период. Како втор предвиден проект е пречистителна станица во селото Грко Поле. Пречистителната станица ќе биде изведена по фази и тоа две единици ќе бидат монтирани веднаш со реализација на проектот, додека третата во текот на експлатациониот период и приклучокот на двете села Лешани и Велмеј.Вредноста на пречистителната станица изнесува 8.000.000 денари.
– Како трет проект кој се започнува е канализацијата во село Лешани. Во овој проект, вкупната должина на канализациониот систем ќе изнесува 5343 метри. По должината на трасата се предвидени вкупно 138 ревизиони и каскадни шахти. Вредноста на проектот изнесува 12.845.676 денари. Вкупниот број на жители на опфатеност според проектна документација изнесува 700 жители, рече градоначалникот Трајкоски .
Наведените проекти ќе бидат финансирани со средства од ИПА програмата на ЕУ и проектот од Светска Банка за подобрување на општинските услуги што се спроведува преку Министерството за финансии.
Трајкоски потенцира дека општина Дебрца и понатаму ќе продолжи со реализација на бројни проекти со цел осовремување и модернизација на општината,а во интерес на жителите.
OhridNews