Во завршна фаза е изработката на проектот за изградба на пат од Билјанини Извори до селото Пештани, а по негова изградба ќе се работи и на проект од Пештани до Свети Наум, информираше вчера директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Одговарајќи на новинарски прашања, по пуштањето во употреба на осветлението на клучката кај Вевчани, Георгиевски појасни дека се работи за 13 до 15 километри пат.

Станува збор за нов проект, нова траса, не на постојната. Реализацијата очекуваме да почне 2015/2016 година. Во овој момент се изработува проектот, потоа следува ревизија. Работиме и на експропријацијата, односно обесштетување на граѓаните, кои имаат имот на таа траса и веднаш потоа почнуваме со градба, изјави Георгиевски.

Тој посочи дека потоа ќе се работи и на проект за изградба на патот и од Пештани до Свети Наум.

-Но тоа ќе следува потоа, засега планирани се овие 15 километри, нагласи Георгиевски.

Директорот на ЈП за државни патишта истакна и дека се предвидени неколку клучки, што ќе ги поврзуваат населените места.

OhridNews

Извор: „МИА“