Министерството за култура, во согласност со Националната стратегија за развој на културата за за остварување на националниот интерес во културата, во 2015 година ќе поддржи проекти од областа на креативните индустрии.
За таа цел денеска е објавен конкурс на кој може да се пријават здруженија, правни лица кои се регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија и физички лица.
На конкурсот не може да учествуваат национални установи од областа на културата, локални установи од областа на културата, општини и образовни установи, но тие можат да бидат партнери во проектите со субјектите што имаат право на учество на конкурсот.
Планирано е да бидат поддржани проекти кои се во функција на промоција, афирмација и развој на креативните индустрии, приоритетно во следниве сектори: Визуелни уметности (графички дизајн, мултимедијален дизајн); Индустриски дизајн, дизајн на производ и моден дизајн; Развој на нови медиуми (поттикнување /поддршка на креирање на I фаза за развој на проектот); Дизајн и интервенција во јавен простор и Едукативни настани (обуки и работилници), манифестации и конференции во функција на понатамошен развој и стекнување нови знаења и искуства од областа на креативните индустрии.
Пријавувањето на проектите се врши со доставување пополнета пријава која е објавена на веб-локацијата на Министерството за култура.
Конкурсот ќе трае до 30-ти ноември 2014 година.
OhridNews