Министерството за економија објави Јавен повик за доделување на субвенции за ознака Национален ресторан-меана. Право за учество на овој повик чија вкупна вредност е 1 милион денари, имаат сите правни субјекти кои вршат угостителска дејност и кои се категоризирани како ресторани според категоризацијата на угостителски фирми.

Субвенционирањето на угостителските објекти за добивање на ознаката ќе се врши преку кофинансирање 60% од докажаните трошоци, но не повеќе од 120.000 денари кои ќе се направат за набавка на опрема, алати и инвентар, печатење промотивен материјал, учество на обуки, семинари и презентации, уредување или подобрување на деловниот простор.

Средствата не може да се користат за набавка на потрошен материјал и возила, закупнина за деловен простор, платен ДДВ за трошоците за кои се бара кофинансирањето, како и за царина за трошоците.

Ќе се земат предвид трошоците направени во периодот од 1 јануари 2015 година до крајниот рок на аплицирање. Изборот на пристигнатите барањата ќе се прави по принципот „прв дојден, прв услужен“, односно по редослед на поднесување на апликацијата, до исцрпување на средствата.

OhridNews