Владата на Република Македонија одлучи да се зголеми износот на субвенции за привлекување на странски туристи од Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија. Наместо досегашниот износ од 25 евра по донесен турист, новиот износ на субвенцијата е 35 евра по донесен турист. Условите за да се добијат овие субвенции од 35 евра по донесен турист, е туристот да има организиран туристички аранжман во нашата земја од минимум 7 ноќевања и организирано да пристигне и замине од нашата земја со авионски превоз.

-Зголемувањето на субвенциите за привлекување на странски туристи од овие земји беше и барање на домашната бизнис заедница. Со новиот износ на субвенции се претпоставува, а тоа е базирано на анализи, дека ќе се зголеми значително интересот на туристичките оператори од Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија за организирање на туристи за престој во нашата земја. Направени се и консултации со туристичките оператори од овие земји, и истите велат дека со овој нов износ на субвенции значително се зголемува интересот и економската логика за престој на туристи во нашата земја, информираат од Владата на Република Македонија.

Исто така од 2015 година, субвенции ќе почнат да важат и за привлекување на туристи од 6 нови земји и тоа: Казахстан, Азербејџан, Катар, Германија, САД и Англија. Субвенциите за привлекување на туристи од овие земји ќе изнесуваат по 65 евра по донесен турист, а услов за добивање владина поддршка е престојот на гостите од овие земји во Македонија да биде со најмалку три ноќевања.

-И ова е добра можност уште отсега домашните туристички компании да почнат процедури за соработка со партнерите од овие земји, за реализација на аранжмани и привлекување на туристи. Тоа е сериозна опција за растот на бизнисот на домашните туристички агенции, за раст на нивната доходовност и профитабилност, но и за обезбедување на можности за понатамошен раст на дејноста туризам, за општиот економски раст на Република Македонија, и за отворање на нови работни места и вработување на граѓаните, нагласуваат од Владата.

OhridNews