Со пригодна свеченост која ќе се одржи денеска во просториите на Црвен крст Охрид, ќе се одбележи 17-ти март Денот на крводарителството во Република Македонија.
Во рамки на свеченоста ќе бидат доделени признанија на заслужни крводарители, поединци, фирми и институции кои помогнале во развојот и унапредување на крводарителството.
-Перманентна работа за промовирање и унапредување на крводарителството на територијата на општините Охрид и Дебарца е заложба која Црвен крст Охрид континуирано, посветено и совесно ја спроведува. Како резултат на постојаната ангажираност на активистите на Црвен крст и службите за трансфузиологија во текот на целата година, се задоволуваат потребите од крв и крвни продукти на пациентите во здравствените установи во нашиот град, велат од Црвен крст од Охрид.
Оттаму потенцираат дека хуманоста што ја покажуваат крводарителите преку доброволно дарување крв придонесува да бидат спасени многу човечки животи.
OhridNews