„Стравот го чува лозјето“ вели една народна поговорка. По долги години толерирање на лошите навики, државата реши да стави ред во јавната хигиена. Донесен е нов Закон за јавна чистота кој предвидува ригорозни казни за загадувачите на животната средина. Со него се предвидени високи санкции од 30 до неколку илјади евра. Неодговорното однесување до сега ги олесни џебовите на повеќе од 6500 граѓани во државата. Покрај комуналните инспектори, со Законот за јавна чистота  мандат да казнува доби и полицијата која без пардон започна да го применува законот кој на сила стапи на  22 септември.

Во периодот од примената на овој закон до 17 октомври на подрачјето на СВР – Охрид се издадени 254 платни налози, а само два се платени. Во овој период се регистрирани 251 прекршоци на јавна површина и 3 на отворен простор (пред јавен објект).

Униформираните служби евидентирале 4 лица како одговорни во правните лица  и исто току правни лица-прекршители на законот. Не е за потценување ниту бројот на извршители над 18 години, кој изнесува 254. Секторот издал и 59 записници за општокорисна работа.

Граѓаните на Охрид велат дека се повнимателни од кога започна примената на Законот за јавна чистота. Во анкетата што ја направивме во старата чаршија, во која охриѓани одговараа на прашањето што би избрале кога би биле казнети според Законот за јавна чистота, поголемиот дел од нив рекоа дека не се подготвени да платат парична казна и затоа колку што можат повеќе внимаваат да не ја загадуваат животната средина. Други пак велат дека би ја избрале општокорисната работа зашто во овие тешки времиња, едвај може  да се оддели од буџетот за сметки, а не уште и за казни. Само неколкумина анкетирани беа на ставот дека  кога би биле казнети, би ја избрале паричната казна, зашто им е непријатно да работат општокорисна работа.

Но дали високите глоби предвидени со Законот за јавна чистота ќе влијаат да се намали загадувањето на животната средина? Мислењата на граѓаните се поделени. Тоа го потврдуваат и резултатите од анкетата што на оваа тема ја спроведовме на нашиот интернет портал. Вкупно 798 посетители на нашата интернет страница, или 44% сметаат дека Законот за јавна чистота ќе донесе вистински промени во нашето однесување само доколку се применува строго и неселективно, 336 посетители или 19% сметаат дека казните ќе не натерат на ред, додека спротивно мислење имаат 328 анкетирани, или 18%. 347 читатели на Ohridnews сметаат дека Законот за јавна чистота ќе влијае на подигнување на колективната свест за заштита на животната средина.

Со секојдневното објавување информации и прилози за спроведувањето на законот и билансот на казнети и  медиумите се јавуваат како еден вид двигатели на свеста кај граѓаните. Во кампањата за поголема заштита на животната средина активно се вклучува и невладиниот сектор, како и јавните претпријатија. ЈП „Охридски комуналец“ под мотото „Препознатливо чист“ неодамна започна серија едукативни акции. Испечатени се илјадници флаери, а на подигнување на еколошката свест се работи активно и на терен , во училиштата и меѓу граѓаните.

И покрај силната кампања која е во тек, старите навики тешко се менуваат. И натаму голем е бројот на несовесни граѓани кои не водат сметка за заштитата на прородата. Дел од нив ги уништуваат и корпите и контејнерите во кои треба да се одлага сметот. Тоа укажува дека битката за почисто утре нема воопшто да биде лесна и дека никако не смее да биде кампањска. Но дали “ударот по џебот” ќе влијае врз свеста, но и совеста кај луѓето, сепак е прашање на време. Дотогаш- внимавајте како се однесувате со  она што не е ваше, туку ви е дадено на користење од претходните генерации, а вие треба да им го пренесете на идните поколенија.

Александра Ристоска
Горан Момироски