21 Јуни е Ден на Охридското Езеро

Охридското Езеро, официјално најстарото слатководно езеро во Европа и најголем басен со питка вода во поширокиот регион, изминатите децении е ставено на најголемиот тест на издржливост. Овој природен еко систем заштитен од УНЕСКО и покрај огромната моќ на самопречистување, соочен е со сериозни последици поради човековата негрижа. Ниската еколошка свест, загадените реки во сливот, уништувањето на Студенчишкото блато, нефункционалниот колектор и преголемата комерцијализација, се само дел од проблемите со кои се соочува Охридското Езеро.

Иако експертите и екологистите со години предупредуваат на последиците од човековата негрижа, наместо зголемување на степенот на заштита на овој уникатен природен бисер, притисокот кон него и натаму се зголемува. Речиси да нема дел од крајбрежјето кој не е урбанизиран, комерцијализирани се најголемиот број плажи на источното крајбрежје, а се планира изградба на нови. 

Во Лагадин во септември ќе започне изградбата на медитеранска плажа, на што дел од сопствениците на имоти во населбата се спротиставија со петиција, која покрај до домашните институции ќе биде испратена и до меѓународните организации од областа на заштитата на животната средина. Власта не се откажува ниту од идејата атрактивното Љубанишко поле да го претвори во туристичка развојна зона, на што се противи локалното население чии имоти треба да бидат одземени, како и Дебарско – кичевската епархија која ја тужеше државата заради експропријација на нејзиниот имот во Љубаништа. Око на ова инаку свето место, каде има и вредни археолошки локалитети кои уште во седумдесетите години од минатиот век ги истражуваше познатиот охридски археолог, покојниот Владо Маленко, најпрвин фрли контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Во желбата да изгради хотел на вода со казино, елитна вилска населба со марина, голф терени и други содржини го спречија индиските власти кои го сместија зад решетки поради измама тешка неколку милијарди долари. И покрај тоа државата која Субрата го пречека со највисоки почести, соопшти дека не се откажува од намерите во Љубаништа да се формира туристичка развојна зона.

И додека на јавноста и се пласираат мега проекти кои според предлагачите ќе донесат развој, малкумина зборуваат за евентуалните негативни последици од најавените планови. Ретки се стручните лица, екологисти, граѓански асоцијации, а уште поретки медиумите кои изнесуваат ставови за можните опасности, а кога тоа го прават редовно се етикетирани, јавно деградирани и напаѓани од пропагандната машинерија и жолтиот печат.

Во една таква ситуација на дефокусирање на јавноста уште подлабоко се потиснати сериозните проблеми со кои се соочува Охридското Езеро, како што е проблемот со нефункционалниот колектор кој при поголеми врнежи ги испушта непречистените води директно во езерото. Цели населени места, на периферијата, но и во центарот на градот се уште не се поврзани на колекторот, а се уште не е решен ниту проблемот со одведување на фекалните води во Трпејца и Љубаништа.

Дополнително продолжува загадувањето од реките во сливот, кои покрај пестициди кои се употребуваат од земјоделците во руралните средини, во езерото носат и огромни количини песок. Таков е случајот со реката Сатеска која годишно во Охридското Езеро носи илјадници тони речна песок.

Се уште високо е нивото на загадување на крајбрежјето со најразличен отпад, кој неретко завршува и во самото езеро. Охридските нуркачи секоја година од езерското дно подигаат големи количини отпад, меѓу кој има и покуќњина, апарти за домаќинство и што уште не. За издувните гасови и излевањето на нафтени деривати во каналот Студенчишта и во езерото речиси и да не се говори. Нема ниту стручна анализа колку пловни објекти овој воден еко систем може да издржи, а тоа да не влијае на живиот свет и квалитетот на водата која се повеќе ја нема.

Наместо да се подигне нивото на јавна свест и институционално делување за заштита на Охридското Езеро, и натаму во главно се се’ сведува на декларативни заложби од надлежните институции. Загрижува и пасивноста на науката која ретко се одважува отворено да изнесе стручен став за актуелните проблеми, со чест на ретки исклучоци, кои за среќа се уште ги има.

Во една таква ситуација интересните групи непречено продолжуваат да ги наметнуваат своите планови, кои најчесто се поврзани со урбанизација на крајбрежјето, без многу да се води грижа за одржливиот развој. Веќе е извесно дека Студенчишкото блато ќе се урбанизира, но неизвесно е дали нешто од овој важен еко систем кој е нераскинлив дел од езерото ќе се ревитализира и стави под заштита, за што се води постапка во Министерството за животна средина. Предлагачот на измените во ГУП-от кои го опфаќаат и блатото се држи до тезата дека тоа со децении е уништувано и дека веќе ја изгубило својата функција, поради што подобро е да се претвори во уште една туристичка зона која ќе отвори нови перпсективи и работни места. Ако се гледа само од економски аспект, можеби е така, но што е со одговорноста на сегашната пред идните генерации? Една ќе треба да ги исправи грешките од минатото, колку побрзо толку подобро, затоа што во спротивно, можеби следните генерации не ќе можат да променат ништо доколку не им оставиме шанса.

Ова дотолку повеќе и поради сериозните предупредувања на светските научници дека планетата Земја се наоѓа во нова ера на масовно изумирање, а тоа што загрижува е дека процесот сега се одвива 114 пати побрзо од вообичаеното!

-Влегуваме во шестата по ред, голема ера на масовно изумирање.-стои во студијата која ја изработија реномирани научници од американските универзитети „Станфорд“, „Принстон“ и „Беркли“. Последен пат овој процес се случил пред 65 милиони години кога изумреле диносаурусите и над 90 проценти од тогашните видови, за кои се претпоставува дека исчезнале по пад на голем метеор.

Но, сегашната ера на масовно изумирање на живиот свет на планетата Земја на која предупредува науката, не е последица на пад на метеор или вулкански активности, туку на човековите активности. Научниците посебно ги загрижува фактот дека во временски период од две генерации може да исчезнат 75% од живиот свет на планетата, пишува „BBC“.

-Доколку дозволиме овој процес да продолжи со ова темпо ќе бидат потребни милиони години да се поправи штетата, а човечкиот вид може во целост да исчезне. – се наведува во научната студија.

Според резултатите од истражувањето од 1900 година до денес на Земјата исчезнале 400 видови. Научниците напоменуваат дека таков губиток во нормални околности може да се случи за период од 10000 години. Во извештајот стои дека за три генерации, пчелите кои се најважни во процесот на опрашување на растенијата, можат целосно да исчезнат, што ќе има несогледливи последици по живиот свет и човекот.

На големите водни системи како океаните ќе им бидат потребни илјадници години да се стабилизираат доколку не се спречат климатските промени. Иднината на затворените водни системи како езерата е уште понеизвесна.

Околу 41% од водоземците и 25% од цицачите водат тесна битка за опстанок стои во извештајот на ОН.

Науката предупредува дека е крајно време човекот да го промени својот однос кон животната средина, во спротивно последиците може да бидат катастрофални.

Охридското Езеро е наша одговорност!

Горан Момироски