Доколку  до истекот на рокот за промена на старите лични карти – 26. февруари, граѓаните  аплицираат и закажат термин за промена на личните документи, против нив нема да има санкции, изјави денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Таа посочи дека ќе бидат зголемени капацитетите на секторите за внатрешни работи со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните кои сеуште не ги промениле личните документи.

Јанкуловска уверува дека доколку се промени грбот на Република Македонија нема да има повторно промена на личните документи, бидејќи како што рече законот за грб кој е во собраниска процедура предвидува без оглед на промената на грбот да нема никаква потреба од промена на постоечките документи.

Според податоците на МВР, во Македонија нова лична карта треба да извадат околу милион и осумстотини илјади граѓани, а досега тоа го направиле 420 илјади. Доколку таа обврска не се испочитува во предвидениот рок казната изнесува од 20 до 80 евра.

Ohridnews