Ќе го побара ли Република Македонија да иж биде вратено вредното културно наследство што низ историјата било изнесувано од нејзината територија, за време на туѓите владеења? Колкави се шансите да бидат вратени во земјата од каде што потекнуваат златните маски и војничкиот шлем од Требеништа, царските двери од Охрид, средновековните ракописи и други вредни антиквитети кои денес се чуваат или се изложени во соседните земји? Ќе ја прифати ли Македонија поканата да му се придружи на светскиот сојуз на земји кои бараат да им се врати културното наследство кое им било земено во минатото и денес е изложено во други земји?
Ова се само неколку од многуте прашања што се отвораат по одржаната Конференција за заштита и репатријација на антиквитети што се одржа деновиве во Египет, на која учествуваа 25 земји од светот, меѓу нив Египет, Грција и Кина, кои усвоија заедничка листа на драгоцени реликвии што ги бараат назад од западните музеи.
Земјите-учеснички повикаа на светско единство на земјите што се засегнати и најавија дека ќе побараат да се измени конвенцијата на Обединетите нации со која забранува извоз и сопственост на антиквитети кои биле украдени по 1970 година, за да можат да трагаат и по предмети што биле изнесени пред тоа. Според учесниците на конференцијата, иницијативата од Каиро е првиот чекор, кој дава надеж дека нешто може да се промени.
„Сметам дека одржавме историска конференција за сите земји што некогаш изгубиле артефакти. Се согалсивме да се бориме заедно. Културното наследство треба да се врати во неговата татковина“, порача домаќинот на конференцијата, шефот на египетскиот Совет за антиквитети, д-р Захи Хавас.
Како што неодамна изјави за магазинот Фрее Тиме Гуиде – Мацедониа директорот на Управата за заштита културното наследство на РМ, Паско Кузман, иако голем дел од културното наследство на Република Македонија било изнесено од земјата за време на туѓите владеења, тешко дека нешто ќе може да се направи и тешко дека Македонија ќе може да си ги врати назад вредните предмети како златните маски од Требеништа. Две од нив денес се изложени во Народниот музеј во Белград, а другите две се во Археолошкиот музеј во Софија.
„Маските се изложени, не се скриени. Тогаш било Србија – Јужна Бановина – ние сме биле во составот на СХС. Исто и со Бугарите. Тогаш било бугарско. Тие не се украдени, туку се легално однесени, заедно со многу работи што биле однесени. Во тие гробови имало и многу други предмети – златни, бронзени, сребрени, керамички и поинакви – ама маските се најзначајни и најпознати“, вели Кузман.
Во периодот од 1918 до 1934 во тн. кнежевски гробови во некрополата Требеништа, на 15 километри северно од Охрид, биле откриени четири златни погребни маски. Првите две случајно ги откриле бугарските војници што ја копале трасата за теснолинејката (некогашната железничката пруга до Охрид) за потребите на воените дејствија во 1918, по што се однесени во Софија.
Другите две се откриени во т.н. српско време, за време на Кралството СХС. Ги открил археологот Никола Вулиќ за време на ископувањата од 1930 до 1934 година. Маските биле однесени во тогашниот Музеј Кнеза Павла, односно денешниот Народен музеј во Белград, каде што се изложени. Околу 257 предмети од требенишката некропола и денес се во софискиот Археолошки музеј, а околу 176 се во белградскиот Народен музеј.
извор: „Форум“