Модерниот свет, каков што сакаме да го наречеме денешниот, како да доживеал колективна амнезија. Или можеби не,туку само ја покажува суровата реалност дека глобалните случувања не се случајни, туку се последица на политиките на големите играчи чија партија шах на светската табла скапо ја плаќаат малите народи и етникуми, поточно обичните луѓе кои секојдневно гинат во војните кои беснеат ширум планетата.
Очите на светската јавност деновиве се свртени кон сирискиот град Кобане во близина на границата со Турција каде курдското население очајнички се бори да го запре продирањето на џихадистите од Исламската држава која прогласи калифат на тие простори. Доколку одбраната не успее на цивилното население му се заканува масакр. Воена поддршка засега градот добива само од небо, но воздушните напади на американската армија и коалицијата не се доволни, одбраната на Кобане нема доволно оружје и прашање е на време кога ќе попушти пред налетот на џихадистите. Засега нема реакција од Турција, од која се бара да ги отвори границите и да испрати воена помош, иако судирите се одвиваат блиску до нејзината територија. Тоа предизвика масовни протести на курдите во земјата каде има и жртви, но и низ Европа.
“Тие под изговор Кобане го напаѓаат мирот, стабилноста и братството во Турција“-изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган. Тој ги обвини медиумите дека поттикнуваат насилство, кое предизвикува голема материјална штета. Турската влада, пак, информираше дека е посветена на продолжување на преговорите со забранетата Работничка партија на Курдистан, со која пред една година склучи примирје.
Нема реакција ниту од регуларната армија на поделената Сирија во која веќе подолг период беснее граѓанска војна. Западните сили не сакаат да соработуваат со режимот на претседателот Башар Ал Асад, ниту пак Турција која бара негово заминување од власт, став кој земјата го изнела пред сојузниците како услов за вклучување во борбата против Исламската држава.
И додека големите сили се уште тактизираат, времето за реакција, неопходна за спас на цивилното население во Кобане, немилосрдно истекува. Обединетите нации јасно му ставија до знаење на светот дека Кобане лесно може да биде нова Сребреница и побараа од големите сили да го спасат градот во кој се водат улични борби помеѓу курдските сили и џихадистите.
Ситуацијата околу Кобане во многу наликува на случувањата од 90-те години од минатиот век кога беснееја крвави судири на Балканот и во Руанда, каде поради нерешителноста на светските лидери и задоцнетата интервенција на меѓународните сили животот го загубија помеѓу 500.000 и 1.000.000 луѓе.
Г. Момироски