Охридското Езеро со години е без стопан. Државата откако го раскина договорот за концесија со „Охридска пастрмка“, е во потрага по соодветно решение за заштита на рибниот фонд, кој поради несоодветна експлоатација во минатото серизоно е намален. Особено тоа важи за ендемичните видови охридска пастрмка и белвица, кои за жал и покрај воведената забрана сеуште нелегално се изловуваат.

Државата формираше рибочуварска служба, а заштитата во голема мера ја презеде и Езерската полиција. Се најавуваше и изградба на софистициран систем за надгледување и заштита на Охридското Езеро, но рибокрадството и натаму е присутно.

Оттаму се поголема е поделеноста кај стручната јавност и екологистите, околу тоа колку на Охридското Езеро му е потребен стопан. Дел од нив се на мислење дека езерото треба да има концесионер кој во строго утврдени законски рамки ќе води грижа за заштитата и обновување на рибниот фонд, кој би се изловувал во контролирани количини.

Владата на Република Македонија неодмана ја прекина постапката за доделување концесија за стопански и спортски риболов на Охридското Езеро.По низата забелешки на изготвувањето на риболовните основи според кои Министерството за земјоделство распиша јавен конкурс за давање на Охридското Езеро под концесија, владата ја повлече ваквата одлука, која јавно беше објавена во Службен весник.

Риболовните основи ги изготвува Хидробиолошкиот Завод – Охрид, кој  денеска организира јавна расправа по изработените елаборати, на која ќе се чујат ставовите на експертите за начинот на стопанисување и заштита на Охридското Езеро.

Ohridnews