„Тешко е некој да ти довери тајна. Неа треба цел век да ја носиш со себе како товар и на крајот да не знаеш што да сториш. Да ја закопаш два метри под земја или да да ја оставиш зад себе над земја“.

Со овие зборови писателката Вера Бужаровска ја започнува својата најнова книга „Тајна“ која ја промовираше викендов во хотелот „Дончо“.

Според зборовите на авторката, повод и инспирација да ја напише оваа книга е една голема тајна која и била доверена од нејзина пријателка и која никогаш не би била раскажана доколку не се случеле некои непредвидени околности.

Тајната се случила токму во Охрид и како што вели писателката “доколку тајната не биде откриена ќе страда едно деветгодишно девојче,а доколку тајната се открие, ќе има последици по еден познат бизнисмен и угледен човек во Скопје“.

Со читањето на книгата Вера Бужаровска им остава на читателите да ја откријат тајната и да решат што да прават со неа.

Заради инспиративноста на Охрид, но најмногу затоа што тајната се случила во Охрид, промоцијата на книгата се случи овде. На прекрасно организираното дружење учество земаа и рецензентите на книгата мр. Ели Маказлиева и мр. Димитар Смилески а за музиката се погрижија безвременскиот Томислав Маниќ и гитаристот Шуле.


од промоцијата на книгата „Тајна“ на В. Бужаровска

Јасминка Т. Момироска