Добро е. Големиот пожар што два дена беснееше во НП „Галичица“ е целосно изгаснат. Во тоа многу помогна и силниот дожд што вчера попладне го зафати охридскиот регион. „Господ беше на наша страна“, велат пожарникарите и стотината доброволци кои се одзваа на повикот на локалната самоуправа и се вклучија во гасењето на огнената стихија која зафати над 100 хектари тревната површина и нискостеблеста шума.


пожарот на Галичица

Но, она што зад себе го остави големиот пожар е застрашувачка слика. На сртот, како што разговорно велат охриѓани останаа црнила. Пламените јазици проголтаа најмногу трева, помалку шума, а настрадаа и животни. Висината на штетата од пожарот допрва ќе се утврдува, но последиците ќе бидат многу поголеми од еврата кои ќе ги пресметаат проценителите на штети.

Според експертите од Националниот парк „Галичица“,ќе бидат потребни 30 до 40 години за да се обнови вегетацијата која изгоре во пожарот. Овој Национален парк е познат по многу ендемични видови флора и фауна кои не беа поштедени од огнот. Уништувањето на шумите, кои настрадаа во досега незапамтената огнена стихија во земјава, ќе влијае и на климата, а опасност им се заканува и на изворските води кои поради соголувањето на планините сега повеќе ќе понираат.


последиците од огнената стихија  ќе бидат далекусежни

Ова се само дел од последиците, кои како што велат експертите, нема веднаш да се почувствуваат. Но, доколку пожарите се повторат и продолжи сушата, на Македонија и се заканува голема еколошка катастрофа. Она што загрижува се сомневањата дека најголемиот дел од пожарите што годинава ја зафатија земјава се подметнати, а не се исклучува можноста и големиот пожар на Галичица да бил подметнат. Ова како и слабиот капацитет за справување со пожарите отворено ја наметнуваат потребата од засилена кампања за подигање на јавната свест, но и кадровско и пред се матерјално доекипирање на професионалните противпожарни служби. Дека ова второто треба да биде приоритет само податокот дека возниот парк на ТППЕ – Охрид во просек е стар 29 години!

ohridnews
фото МИА