Пет отсто од судските работници мора да бидат казнети со 20 отсто од плата во траење од шест месеци, објави „Вест“. Бројот на вработени во судската служба е над 1.600, а казнети ќе бидат оние што ќе се најдат најдолу на ранг-листата, која ќе се прави на крајот од секоја година. По кои критериуми ќе се оценуваат, се уште не е утврдено, бидејќи во тек е изработка на правилникот за бодување во Министерството за правда.

Задолжителната казна е предвидена во новиот закон за судска служба, кој почна да се применува во февруари годинава. Судската администрација вели дека Законот е полн со грешки и со нелогичности, за што поднеле иницијатива до Уставниот суд, а деновиве најавуваат и бојкот.

-Државата остана глува на нашите барања да се измени овој закон оти е деградирачки и демотивирачки. Воведувањето задолжителни казни е неблагодарно решение, оти тоа значи дека некои нема да се спасат, без разлика колку и да работат. И сите да постигнат максимални резултати сепак ќе бидат казнети. Уште поголем проблем е и тоа што Законот за судска служба веќе е во сила, а ние не знаеме кои критериуми треба да ги исполниме за да ја избегнеме казната. Од друга страна, предвидена е и награда, но таа не е задолжителна, и се состои од плус една плата на крајот од годината, за разлика од казната која излегува речиси плата и половина. И во овој дел се гледа репресивната страна на Законот”, вели Борче Мирчевски, претседател на Здружението за судска администрација.

Здружението во текот на денот треба да ги утврди формата и програмата за изразување на револтот.

-Дали ќе биде штрајк или друг вид бојкот, ќе утврди денес Управниот одбор на Здружението, и според тоа ќе дејствуваме. Минатата недела донесовме одлука дека ќе реагираме оти досега не добивме одговор ниту од Уставен суд ниту од Владата, до која поведовме иницијатива за измена на законското решение”, вели Мирчевски.

Министерството за правда вчера не одговори кога ќе биде готов правилникот за утврдување на критериумите според кои ќе се врши казнувањето.

OhridNews

Извор:„Вест“